Зелен институт организираше обука на вработени од ЈП паркови и зеленило за садење и подигање садници отпорни на климатски промени во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“. Обуката ја одржаа проф. Дана Колевска и асис. Викторија Брндевска Степановиќ од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, во присуство на Лилјана Поповска од Зелен институт и Кирил Ристовски од Флорозон.
„Пред жителите на големите градови стои битка за секое дрво, грмушка и цветна леа. климатските промени не чекаат да се свестиме дека се дел од нашите животи. Во Скопје многу се сади, но не отпорно на климатски промени. Скопје може да биде отпорно, ако се примени современото знаење,“ истакна проф. Колевска. Клучно за отпорноста е избор на автохтони растителни видови, или видови адатирани кај нас, како и пејзажно планирање и дизајнирање. Предавачите детално ги објаснија сите причини за сушење на садниците во преголем број, почнувајќи од избор на несоодветни видови и локации, преку несоодветен транспорт, чување и подготовка на земјата, се до садење садници со недоволно разгранет коренов систем, слабо наводнување и грижа по засадувањето. Главни причини за сушење на садниците во Скопје се: недостиг на вода, изгореници од сонце и штети од косилки.
Проектот го води Зелен институт, во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, а во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-свест финансиран од Шведска.
Зелен институт
Оваа активност е поддржана преку проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од страна на Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници - МЗПМ и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија. Изразените ставови и мислења се на грантистот и на никој начин не ги одразуваат позициите и ставовите на Еко-свест и на донаторот – Владата на Шведска.