ОТВОРЕН ПОВИК ЗА ЕКСПЕРТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПЛАНИРАЊЕ НА ПРОСТОРОТ
Здружението за еколошко одржлив развој „ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ“ од Скопје има потреба од ангажирање на експерт за животна средина и планирање на просторот, во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, што го спроведува во партнерство со Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ и здружението „Македонско женско лоби“.
Проектот е дел од програмата „Граѓанските организации во акција за климатските промени’’, финансирана од владата на Шведска преку Swedish International Development Cooperation Agency (SIDA, а се спроведува од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје, Македонското здружение на млади правници и ЦНВП-Македонија.
ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА
Глобална цел на проектот е спречување на појавата на топлински острови, намалување на загадувањето и емисијата на стакленички гасови и подобрување на квалитетот на животот во Градот Скопје.
Специфичните цели на проектот се:
- Спречување на натамошната загуба на зеленило, негово ширење и зголемување на неговата отпорност, преку подобрување на законската рамка што го регулира развојот на урбано зеленило, урбанистичкото планирање и градење, со вклучен родов аспект
- Обезбедување сеопфатен и ажуриран зелен катастар, кој се користи во урбанистичкото планирање, како резултат на анализата на урбанистички планови и насоките за измена на законите
- Зголемување на површината под урбано зеленило на деградирани површини во состав на станбените блокови
- Создавање услови за подигање и одржување на урбано зеленило што е отпорно на климатските промени, преку обновување на расадникот на ЈП Паркови и зеленило и обука на вработените за садење и одгледување климатски отпорни видови
ЗАДАЧИ НА ЕКСПЕРТОТ
Избраниот кандидат ќе ги спроведе следните активности:
- Анализа на законската рамка:
- Утврдување на одредбите од Законот за урбано зеленило и Правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото што несоодветно се применуваат и утврдување на причините за недоволната примена на овие одредби;
- Утврдување на слабостите на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење со соодветните правилници во однос на заштитата на урбаното зеленило;
- Изработка на предлог-законски решенија во Законот за урбано зеленило, Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, со соодветните правилници, заради нивно меѓусебно усогласување и вградување одредби за заштита на зеленилото и климата.
- Анализа на постојни урбанистички планови
- Анализа на урбанистички планови за две урбани четврти, со која ќе се утврдат: а) причините и локациите на кои е изгубено зеленило, и б) површините што може да се наменат како урбано зеленило;
- Утврдување препораки за законско решение за заштита на зеленилото во урбанистичкото планирање.
- Раководење на тимот за изработка на извештај со формулирани предлози за измена на релевантни закони заради заштита на зеленилото во состав на станбените блокови:
- Анализа на слабостите на законите во однос на управувањето со зеленилото во состав на станбените блокови;
- Формулирање предлог-законски измени со кои ЈП Паркови и зеленило, Градот Скопје и управителите / сопствениците на становите заеднички ќе се обврзат да го финансираат подигањето и одржувањето на зеленилото во состав на станбените блокови.
- Учество во спроведување промотивни активности, дебата и завршна конференција:
- Придонес кон проектните активности насочени кон лобирање, застапување и промоција на предлог - законските измени;
- Подготовки и учество на јавна дебата за резултатите од предлог-законските измени;
- Придонес кон промоцијата на резултатите од озеленувањето;
- Придонес кон промоцијата на проектните резултати, завршна конференција.
Избраниот кандидат ќе ги испорача следните извештаи:
- Извештај Анализа на законската рамка
- Извештај 2: Предлози за законски измени
- Извештај 3: Анализа на постојни урбанистички планови Извештај 4: Формулирани предлози за измена на релевантни закони со кои ЈП Паркови и зеленило, Градот Скопје и управителите / сопствениците на становите заеднички ќе се обврзат да го финансираат подигањето и одржувањето на зеленилото во состав на станбените блокови
- Извештај 5: Резиме на спроведени промотивни активности, дебата и завршна конференција
- Извештај 6: Завршен извештај од сите спроведени активности и проектни резултати
ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
- кратко мотивациско писмо во кое се истакнува релевантното искуство и компетенции, максимум 1 страна
- CV - максимум 5 страници со примери од претходна работа поврзана со заштитата на животната средина и/или планирање на просторот, пишување на закони и подзеконски акти, лобирање, застапување и спроведување стратегии за комуникација и јавни кампањи.
- Изјава за интерес што ја потврдува достапноста на кандидатот, независноста и отсуството на конфликт на интереси;
- Понуда за цена на вкупниот ангажман
КРИТЕРИУМИ ЗА КАНДИДАТИТЕ
Квалификации и вештини:
- Академски профил: Универзитетска диплома (архитектура, заштита на животната средина)
- Докажана способност за управување со процеси и луѓе;
- Силни аналитички вештини и способности за пишување извештаи;
- Докажана способност за управување со различни засегнати страни;
- Добри интерперсонални вештини, јасна комуникација и способност за воспоставување работни односи со државните и локалните чинители, јавната администрација и граѓанскиот сектор;
- Способност за работа со минимален надзор.
Општо професионално искуство:
- Минимум десет (10) години професионално искуство во работа на проекти од областа на заштита на животната средина и/или планирање на просторот
- Најмалку 10 години работно искуство на задачи поврзани со граѓански организации во областа на животната средина и климата;
- Минимум десет (10) години искуство во управување со проекти, тимови на експерти.
Специфично професионално искуство:
- Најмалку 10 години работно искуство, од кои најмалку 5 години професионално искуство во изработка на закони и подзаконски акти;
- Најмалку 5 години искуство во изработка на просторни и/или урбанистички планови;
- Најмалку 10 години искуство во лобирање, застапување и спроведување стратегии за комуникација и јавни кампањи.
ВРЕМЕНСКА РАМКА И ЛОКАЦИЈА
Ангажманот започнува во мај 2023 година и ќе трае до февруари 2024 година.
ОЦЕНКА НА КАНДИДАТИТЕ
Евалуационата комисија ќе го извести само оној кандидат чија понуда ќе биде избрана. Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:
- Квалификации и вештини, општо / специфично искуство во спроведувањето на слични активности - 80 бодови
- Понудена цена за активноста - 20 бодови
Вкупно 100 бодови.
Договор ќе биде склучен со оној кандидат кој ќе добие најголем број бодови.
ПРИЈАВУВАЊЕ
Кандидатот треба да ја испрати комплетната понуда на еmail:
Повеќе информации можете да добиете на тел. 071/229-373.