Комората на овластени архитекти и овластени инженери, ќе учествува со свои претставници во Работното тело за усогласување на измените на Законот за урбано зеленило.
Комората даде и подршка на предлогот за отворање ново професионално одделение, со кое ќе се регулираат професиите шумарски инженер и пејзажен архитект.
Предлог-измените на законот беа изработени во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, под водство на Зелен институт, во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг,,,Ханс -Ем”а во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-Свест финансиран од Шведска.
Од страна на Kомората беа присутни претседателката Кристинка Чулак и членовите на Управниот одбор Михаел Димитровски и Веселинка Герасимова Петровска, а од страната на тимот кој ги изработи предлог – измените беа: Лилјана Поповска од Зелен институт, деканот на Шумарски факултет Кирил Сотировски, архитектите Цветанка Маркушоска и Билјана Насковиќ, координаторката на зелената парламентарна група од граѓанскиот сектор Татјана Чакулев, правниот советник Соња Петрушева и Даниела Димитриевска од Македонското женско лоби.
Пред Комората беа претставени барањата за измена на Законот за урбано зеленило, донесен 2018 и усогласување со Законот за урбанистичко планирање, со Законот за градење и со Законот за прекршоци. Се бара: усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина; зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување на минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци од 2019 и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др.; допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило според законските измени; дополнување на Законот за градење заради усогласување и обврска да не се издава градежна дозвола без исполnета норма за зеленило.
Овие предлози призлегоа од анализата на законите, во која беа вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти. Се одржа јавна дебата на 6 јули 2023 во салата на Советот на Град Скопје, на која беа поканети сите засегнати страни: Министерството за животна средина, Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје и скопските општини, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг,,Ханс -Ем’’ Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, експерти и заинтересирани граѓански организации (Зелен хуман град, О2 Иницијатива, Здравје пред профит, Зелените од Гази Баба, Борба за Влае, За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода, Пржино, Во одбрана на Буњаковец и др.).
Зелен институт