Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓевски, го поддржа предлогот за измени на Законот за урбано зеленило што му го претставија Лилјана Поповска и Ана Петровска од Зелениот институт. Градоначалникот вети дека ќе го изложи предлогот од Зелен институт на седница на ЗЕЛС, како актуелен негов претседател.
Предлог-измените беа изработени во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, под водство на Зелен институт и поддршка од Шведска. Целта на законот е да се спречи уништување на градското зеленило со урбаната експанзија и непочитувањето на законите.

Се предлага усогласување на Законот за урбано зеленило од 2018, со законите донесени по него, Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и Законот за прекршоци, во однос на: видови урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; класи на намени на зеленило и зелена инфраструктура според Правилникот за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање категории на урбано зеленило според пешачко растојание од домот и достапна површина; зголемување на нормативите за зеленило според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; обврска за ангажирање шумарски инженери и пејзажни архитекти при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; казнени одредби според Законот за прекршоци од 2019 и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале одредбите за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др.; допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило; почитување на обврската да не се издава градежна дозвола без исполнета норма за зеленило.
Предлог-измените на Законот за урбано зеленило поминаа транспарентен процес од јавна дебата во Градот Скопје на 6.7.2023, со пренос во живо на социјалните медиуми, преку широка јавна дискусија и средби со Градот Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како и широк круг експерти и граѓански еколошки организации и поединци. Покрај набројаните институции и субјекти, поддршка добија и од Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.
Зелен институт
