Почитувани,
На барање на Зелен институт како носител на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, ќе се одржи состанок со членови на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, на 15 септември 2023 (петок) во Парламентот, со почеток во 11.30 часот. Состанокот е организиран преку Татјана Чакулев, координаторка на групата од граѓанскиот сектор. Темата на состанокот се реформи на регулативата за урбано зеленило, урбанистичко планирање и градење.
Пред Интерпартиската парламентарна група ќе бидат претставени барањата за измена на Законот за урбано зеленило (2018) и усогласување со Законот за урбанистичко планирање, со Законот за градење и со Законот за прекршоци, преку:
- усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање (2020);
- усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање (2020) и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина;
- зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени;
- утврдување на мин. процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени;
- допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото;
- воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото;
- измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци (2019) и зајакнато санкционирање на институциите кои:
- - не изработиле зелен катастар, Стратегија за урбано зеленило, Основен план, Годишна програма;
- - донеле урбанистички план без почитување норми за зеленило по жител и минимален процент на градежна парцела;
- - издавале градежни дозволи без минимален процент на озеленетост;
- - не го одржуваат зеленилото;
- - уништиле здраво зеленило;
- допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило според законските измени.
Проектните активности ги реализира Зелен институт во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, а во партнерство со граѓанските организации Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од
проектот ГОи во акција за климатските промени што го спроведува Еко-свест со финансиска поддршка од Шведска.
Овие предлози призлегоа од анализата на законите, по што се одржа јавна дебата на 6 јули 2023 во салата на Советот на Град Скопје, на која беа поканети сите засегнати страни: Министерството за животна средина, Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје и скопските општини, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, експерти и заинтересирани граѓански организации (Зелен хуман град, О2 Иницијатива, Здравје пред профит, Зелените од Гази Баба, Борба за Влае, За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода, Пржино, Во одбрана на Буњаковец и др.).
Во анализите се вклучија архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти и беа континуирано доработувани во изминатиот период, а се однесуваа на:
- степенот на усогласеност помеѓу Законот за урбано зеленило, Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и содветните подзаконски акти, со предлози за нивни измени заради заштита и унапредување на урбаното зеленило;
- причините за загуба на урбаното зеленило низ процесот на урбанистичко планирање, преку анализи на специфични урбанистички планови (анализи на случај);
- функционалноста на зелениот катастар на Градот Скопје, со препораки за негово завршување, одржување и користење во урбанистичкото планирање и проектирање, заради заштита и унапредување на урбаното зеленило;
- потребите на жените и мажите за пристап до зеленило на пешачко растојание до нивните домови и влијанието на недостигот на зеленило врз нивното физичко и ментално здравје.
Со почит,
Зелен институт
Оваа активност е поддржана преку проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од страна на Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници - МЗПМ и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија. Изразените ставови и мислења се на грантистот и на никој начин не ги одразуваат позициите и ставовите на Еко-свест и на донаторот – Владата на Шведска.
.